Шеќерната болест (Диабетес мелитус тип 2) претставува метаболна состојба која е во постојан пораст како во нашата држава, така и на светско ниво. Тоа се должи на лошиот начин на исхрана, дебелината, седентарниот стил на живеење, но и на подобрите дијагностички методи за дијагностицирање на истата. Во голема мера улога има и генетскиот фактор, но како причина може да се јави и употребата на одредени лекови.

Кај тип 2 шеќерна болест во основа се два проблеми:  панкреасот не лачи доволно инсулин кој е главен регулатор и транспортер на шеќерот во клетките и клеките слабо реагираат на инсулинот и не внесуваат шеќер како еден вид гориво за нивно функционирање. На тој начин шеќерот во крвта останува неискористен и неговото ниво се покачува.

Оваа болест се детектира со обична биохемиска анализа на крвта и е во стандардниот образец за рутинска анализа на крвта, но и со испитувања од типот на гликолизиран хемоглобин (HbA1c) и гликоза толеранс тест односно тест со оптоварување со гликоза, доколку претходните иследувања се неконклузивни. Резултатите кои се добиваат му помагаат на лекарот да дознае дали  пациентот е со нарушена гликемија на гладно, или е со нарушена гликозна толеранција, кои се преддијабетични состојби и може да траат подолго време, или пак пациентот е со вистинска шеќерна болест.

Главни знаци и симптоми кои ги чувствуваат луѓетосо дијабетес мелитус се  чувство на глад, чувство на жед,  зачестено уринирање, губиток на телесна тежина и замор.

Пациентите кај кои се дијагностицира нарушување во метаболизамот на шеќер во крвта задолжително треба да се јават на преглед за стратификација на кардиоваскуларниот ризик затоа што шеќерната болест сама по себе носи ризик за развој на микро и макро васкуларни компликации и оваа ризик стратификација би покажала дали пациентот е со умерен, висок или многу висок ризик. Во зависност од тоа зависи и понатамошниот тек на лекувањето на овие пациенти и нивно следење.  Секако, освен ризик стратификацијата мора да се направат одредени дијагностички иследувања за детекција на евентуално оштетување на целни органи (срце, мозок, бубрези и очи), затоа што пред се шеќерната болест и покрај тоа што е метаболно нарушување, треба да се сфати како болест на крвните садови.

Компликациите кои се јавуваат од оваа болест  се поврзани со атеросклероза на крвните садови и зголемен ризик за појава на инфаркт на срцето, мозочен удар, деменција и болест на циркулацијата на екстремитетите.  Исто така настанува оштетување на бубрезите, нервниот систем, очите, чести кожни инфекции, бавно зараснување на рани и др.Целта на третманот кај овие пациенти е  да се намали ризикот од појава на овие компликации и да се превенираат големи (мајорни) несакани кардиоваскуларни настани (смрт од миокарден инфаркт или мозочен удар).

Прва линија во третманот на пациенти со шеќерна болест е модификација на стилот на живеење. Препораките од европските и другите светски здруженија за кардиологија и дијабетологија се дека овие пациенти треба да имаат ограничен калориски внес како би се превенирала дебелина, медитерански стил на исхрана и умерена и секојдневна физичка активност најмалку 30 минути на ден. Справувањето и со останатите состојби од типот на зависност од никотин, покачени масти во крв, покачен крвен притисок и слично, се императив за редукција на крадиовсакуларниот ризик.

Медикаментозниот третман е неизоставен дел кај лицата со шеќерна болест. Од голема важност е редовното консумирање на препишаната терапија и нејзино правилно користење. Постојат повеќе тераписки модалитети во лекувањето на оваа болест. Најпознат лек кој се користи во денешно време е метформинот кој најчесто е прв лек од избор. Сулфонилуреата и глинидите се лекови кои веќе долго време се користат како таблетарни терапии за ДМ и стимулираат лачење на инсулин. Тиазолиденидионите пак ја зголемуваат осетливоста на инсулин. Инсулинот, кој се аплицира со инјектирање, во минатото беше последна алка кај пацинти со неконтролирана шеќерна болест, но денес се вклучува многу порано како редовна терапија. Поновите генерации на лекови ги опфаќааат DPP4 инхибиторите, GLP-1 рецептор агонистите (кои исклучително влијаат  и на редукција на телесната тежина) и SGLT 2 инхибиторите (овозможуваат екскреција на гликозата преку урината). Секако, вреди да се спомне и баријативната хирургија кај пациенти со голем индекс на телесна маса (обезни), кај кои оперативната ресекција на желудникот доведува до редукција на телесната тежина и намален внес на храна.

Сите овие можности во борбата со шеќерната болест несомнено доведуваат до редукција на ризикот од појава на минорни и мајорни кардиоваскуларни компликации. Шеќерната болест е серизона состојба и треба да биде сфатена како таква и од страна на лекарите, но и од страна на пациентите. Добра контрола на шеќерот во крвта значи превенција на несакани компликации и подобар квалитет  на живот.

Работно време

Пон – Пет
8:30 – 15:30
Сабота неработен
Недела неработен

  +389 32 380 833

Локации

  • Штип

  • Струмица

  • Виница

Нашите вредности

Нашата мисија е да обезбедиме најдобра грижа за нашите пациенти и да овозможиме максимална дискреција при решавањето на секој проблем со кој се соочува пациентот. Добросостојбата на вашето срце е наш приоритет!

Задоволството на пациентите е огледало на нашата работа. Секогаш се стремиме да пружиме професионална услуга притоа задржувајќи пријателски и топол однос со пациентите, на обострано задоволство.

Александар Димитровски
Специјалист по кардиологија